СЕМЕЈНИ ОДНОСИ

Во кои случаи може да се разведе бракот?

  • По взаемна согласност на брачните другари
  • По барање на еден од брачните другари ако брачните односи се до таа мера нарушени што заедничкиот живот станал неподнослив
  • По барање на еден од брачните другари ако брачната заедница фактички престанала подолго од една година

Тек на постапката за развод на брак

1. Поднесување на тужба

Постапката за развод на брак се покренува со поднесување на тужба односно предлог до надлежниот основен суд.

2. Спроведување на постапка за мирење

По приемот на тужбата за развод на брак или на предлогот за спогодбен развод на бракот, пред доставувањето на тужбата на тужениот, се спроведува постапка за мирење на брачните другари

Постапката за мирење на брачните другари нема да се спроведе ако:

  • 1. еден од брачните другари е неспособен за расудување;
  • 2. еден или обата брачни другари живеат во странство;
  • 3. едниот брачен другар е со непознато место на живеење подолго од шест месеци и
  • 4. по противтужба за развод на брак, без оглед кога е таа поднесена, а обидот за мирење на брачните другари по тужбата завршил безуспешно.

Постапката за мирење ја спроведува Центарот за социјална работа ако брачните другари имаат заеднички малолетни деца или деца над кои е продолжено родителското право.
Ако брачната заедница нема деца постапката за мирење ја спроведува судот.

3. Издржувањечување и воспитување на децата

Во тужбата со која се покренува бракоразводна парница може да се постави и тужбено барање судот да одлучи за издржување, чување и воспитание на децата.
Ако во бракоразводниот спор се решава за чување, издржување и воспитание на децата, судот ќе го повика центарот за социјална работа да учествува на рочиштето заради заштита на интересите на децата и ќе му ги достави сите одлуки донесени во таа постапка.

Центарот за социјална работа ќе даде предлог за чување, издржување и воспитание на децата, а може, во границите на овој предлог, да изнесува нови факти и докази што странките не ги навеле, да вложува правни средства и да презема други процесни дејства во интерес на децата.

4. Донесување одлука 
Доколку се исполнети законските услови судот ќе донесе пресуда со која бракот се разведува. Имотните спорови меѓу брачните другари освен споровите за издржување не може да се решаваат заедно со бракоразводниот спор.

Издржување на децата

Брачните другари се должни да ги издржуваат своите деца. Co пресудата со која бракот се поништува или се разведува, судот ќе донесе одлука за издржување на:

  • малолетните деца;
  • децата до редовното завршување на школувањето, но најдоцна до навршување на 26 годишна возраст, како и
  • полнолетното лице е неспособно за работа поради болест, физички или  психички недостаток.

Одлука за издржување на детето судот може да донесе и во спорови за утврдување или оспорување на татковство или мајчинство, кога донесувањето на оваа одлука, со оглед на исходот на спорот и околностите на случајот, е можно и потребно. Во спорот за издржување нема да се применуваат одредбите од Законот за процесната постапка кои се однесуваат на постапката во спорови од мала вредност.

Што претставува семејното насилство?

Секаков вид на насилство меѓу членовите на семејството, без оглед на пол и возраст е забрането.  Под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема:

  • брачниот другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство;
  • поранешен брачен другар или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, вклучувајќи ги односите кои настануваат со посвојувањето и старателството;
  • браќа и сестри, полубраќа и полусестри;
  • постарите членови во семеј ството или заедничкото домаќинство;
  • лица – членови на семејството или заедничкото домаќинство чија деловна способност е делумно или целосно одземена.

Под блиски лични односи во смисла на овој закон се подразбираат лични односи помеѓу лица од различен пол кои се или биле во партнерски односи, а не живеат во вонбрачна заедница.

Мерки за заштита на жртвите на семејно насилство од страна на Центрите за социјална работа

Центарот за социјална работа секогаш кога има сознание дека над лице е сторено семејно насилство, сам или на барање на лицето или член на неговото семејство презема мерки на заштита на жртвата на семејно насилство.

Центарот за социјална работа секогаш кога има сознанија дека постои семејно насилство врз малолетно дете или лице со ограничена или одземена деловна способност презема мерки за заштита.

Центарот за социјална работа секогаш кога има сознанија дека постои семејно насилство ги презема следниве мерки на заштита:

  • обезбедува нужно сместување за лицето – жртва на насилство, кое може да трае најмногу шест месеца со можност за продолжување за уште шест месеца;
  • обезбедува соодветна здравствена заштита;
  • обезбедува соодветна психо-социјална интервенција и третман;
  • ги упатува во соодветно советувалиште;
  • доколку во семејството има дете кое е на редовно школување,
  • помага за продолжување на редовното образование;
  • го известува органот за прогон;
  • дава секаков вид на правна помош и застапување;
  • покренува постапки пред надлежниот суд и презема мерки кои произлегуваат од односите помеѓу родители и деца;
  • по потреба поднесува барање до судот за изречување на привремена мерка за заштита и
  • презема други мерки за кои ќе оцени дека се неопходни за решавање на проблемот.

Здружение на граѓани, рeгистрирано за остварување на цели и задачи од областа на социјалната заштита, само или во соработка со Центарот за социјална работа, може да ги преземе мерките на заштита, освен мерките на заштита што се однесуваат на покренување и застапување на судски постапки. Здружението на граѓани е должно за преземените мерки во рок од 24 часа да го извести Центарот за социјална работа, надлежен според местото на живеење на лицето жртва на семејно насилство.

Центарот за социјална работа по добивањето на известувањето од здружението, во рок од 24 часа изготвува соодветно решение. Здружението на граѓани е должно во рок од 72 часа од како се преземени мерките за заштита, целокупната документација да ја достави до Центарот за социјална работа заради негово натамошно постапување.

Привремени мерки за заштита на жртвите од семејно насилство

Жртвата на семејно насилство може да поднесе предлог за изрекување на привремена мерка на заштита до надлежниот суд непосредно или преку Центарот за социјална работа.
Центарот за социјална работа ќе поднесе предлог за изречување на привремена мерка за заштита од семејно насилство до судот за малолетни и деловни неспособни лица секогаш кога родителот, старателот или законскиот застапник тоа нема да го сторат. Центарот за социјална работа, предлогот за изречување на привремена мерка за заштита од семејно насилство за полнолетни и деловно способни лица, ќе го достави до судот, само со согласност на жртвата на семејното насилство.

  • Надлежниот суд на сторителот на семејното насилство може да му ги изрече следниве привремени мерки на заштита:
  • забрани да се заканува дека ќе стори семејно насилство;
  • забрани да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин комуницира со член на семејството, директно или индиректно;
  • забрани да се приближува до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува друг член на семејството;
  • одреди отстранување од домот без оглед на споственоста, до донесување на конечна одлука од надлежниот суд;
  • забрани да поседува огнено или друго оружје или истото да му биде одземено;
  • го задолжи да ги врати предметите кои се потребни за задоволување на секојдневните потреби на семејството;
  • изрече задолжително издржување на семејството;
  • нареди тужениот да посетува соодветно советувалиште;
  • нареди задолжително лекување, доколку е корисник на алкохол и други психотропни супстанци или има некое заболување;
  • го задолжи да ги надомести медицинските и другите трошоци настанати од семејното насилство и
  • изрече која било друга мерка која судот ќе ја смета за неопходна за да се обезбеди сигурност и добростостојба на другите членови на семејството.

Привремената мерка за заштита од семејно насилство може да трае најмалку три месеца, а најмногу една година.
Доколку семејното насилство продолжи и по истекот на мерката, Центарот за социјална работа или жртвата може да поднесе барање за продолжување на некоја од мерките.